Почитувани
читатели на е-ИНФО на GS1 Македонија
Слаѓана Милутиновиќ, дипл. ек.
извршен директор
Со првите есенски денови земјоделските производи со кои
изобилува Македонија се во жижата на сите настани и новости. Меѓу
нив е со векови традиционалното одгледување на лозови насади и
производство на вино.
Ние во GS1 Македонија сме горди што сите најзначајни винарии
се наши членки и ги користат бар кодовите за идентификација на
своите производи, како и другите придобивки од GS1 системот на
стандарди. Денес македонските винарии не произведуваат само вина
за широка, масовна потрошувачка, туку на пазарот лансираат врхунски
вина кои сјајно котирааат на домашниот, регионалниот и светскиот
пазар. Најпознатите светски енолози со највисоки оценки ги оцениле
пооделните сорти на македонските вина, а винариите се добитници
на безбројни награди и медали за одделни брендови на вина на сите
домашни и интернационални саеми и натпревари.
Квалитетно вино не е лесно да се направи, бидејќи е потребно
многу знаење, искуство, желба, упорност и љубов, за да се постигнат
врвни резултати. Кога се работи за познати брендови и скапи производи,
се наметнува потреба и од заштита од фалсификати, докажување
на автентичноста и задржување на квалитетот, со истовремено
унапредување на ефикасноста на синџирот на снабдување. Со
најновата RFID технологија може да се остварат овие цели, за што ќе
прочитате во во овој број на нашето списание.
RFID провајдерите нудат различни примени на RFID
технологијата со цел да решат некои проблеми на производителите,
односно на своите корисници. GS1 Македонија како деловно неутрална
и непрофитна организација има на располагање широка палета на
GS1 стандарди за имплементација во сите сектори, има голем број на
примери од успешни имплементации и најважно од се, има тим кој
може да Ви помогне во изборот и имплементацијата на најдоброто
решение за Вас. Сето тоа го добивате во рамките на Вашето членство
во GS1 Македонија.