Процедура за верификација на бар кодовите

Испраќање на примероците

Процедурата за верификација на бар код симболите започнува со испраќање на Барање за верификација на бар кодови до GS1 Македонија, пропратно со бар-кодовите што треба да се верификуваат.

Анализата и верификацијата можат да бидат изведени само врз реални примероци, кои можат да се достават по пошта или лично во просториите на GS1 Македонија (исклучок може да се направи само во случај кога треба да се провери синтаксата на впишаните информации во бар-код симболот, а не неговата читливост и во овој случај бар-код симболот може да се испрати и по електронска пошта како PDF документ).

Примероците на бар-кодираните производи треба да бидат во финална форма, за да може тестирањето да се направи во однос на бојата, контрастот, локацијата на бар кодот. Добиените резултати од тестови направени на лабели или производи, кои не се во финална форма нема да бидат точни. Без обѕир на начинот на достава БАРАЊЕТО ЗА ВЕРИФИКАЦИЈА мора да биде доставено со примероците за верификација, во него се содржат информации за нарачателот, компанијата, контакт информации, итноста на верификацијата, бројот на бар-код симболи за верификација итн.

Информација за цента на чинење може да добиете во делот ценовник.

Прием на примероците

По приемот на примероците истите се заведуваат во книгата за верификација, се прави копија на добиената документација, се доделува архивски број, се изготвува фактура и примероците се подготвуваат за верификација.

Процедурата на верификација врз примероците

По приемот на примероците и нивната подготовка за верификација врз основ на нивната структура дали се еднодимензионални или дводимензионални се преминува на верификација по ISO/IEC 15416 за еднодимензионалните и ISO/IEC 15415 за дводимензионалните бар код симболи.

Верификацијата се изведува во два визуелна физичка проверка на симболот и електронска проверка со помош на верификатор. GS1 Македонија располага со најновата серија на AXICON верификатори за 1D и 2D симболи кои ги поддржуваат во целост ISO и GS1 стандардите.

Анализа на резултати

По извршената процедура за верификација врз база на добиените резултати за секој испратен примерок се изработува соодветна унифицирана документација за верификација на англиски и македонски јазик. Во склоп на документацијата доколку има забелешки се даваат и препораки како истите да се коригираат. Подигнувањето на документацијата е лично од просториите на GS1 Македонија или по пошта каде дополнително се наплаќаат трошоците за поштарина.