Интервју со г-дин Зоран Стојчевски, генерален директор на „Нелт- СТ“ ДООЕЛ-Скопје

Jim Spittle

Вашата компанија е можеби идеален пример за придобивките кои се добиваат при имплементација на GS1 стандардите во транспортот и логистиката. Според Ваши информации дали може да ни кажете кои се клучните придобивки од имплементацијата?


НЕЛТ е интернационална компанија, со седишта во 6 земји од Западен Балкан и 5 земји во Африка. Поради тоа стандардизацијата и прифаќањето на GS1 стандардите е многу значаен и би можело да се каже задолжителен процес со цел нашата комуникација и нашето работење како интерно, така и екстерно со трговските партнери да се одвива непречено без грешки или дополнителни трошоци. Во однос на транспортот и логистиката воведувањето на логистичка етикета по GS1 стандарди ги елиминира сите грешки при приемот и испораката на производите, а воведувањето на EDI овозможи целокупната електронска комуникација и размена на документи да се врши на најбрз и наједноставен начин не само за нас, туку и за нашите партнери.


НЕЛТ е дистрибутер на голем број светски брендови, што значи дека вие имате можност да увидите како GS1 стандардите се имплементирани низ целиот свет. Дали ваквиот начин на стандардизација и организација ви помага во вашето работење?


Како што напоменав, дистрибутивна компанија не би можела да се замисли без GS1 стандардите. Константниот прием на производи од целокупниот свет без при тоа да постои стандардизиран пристап при означувањето на производите би го направил самиот систем на дистрибуција невозможен. Поради тоа, се трудиме секогаш да ги следиме GS1 стандардите и при тоа сме сигурни дека доколку тоа го прават и нашите трговски партнери нема да има никакви човечки грешки или било какви проблеми и самиот дистрибутивен синџир ќе се движи непречено.


GS1 стандардите константно се развиваат напоредно со потребите на компаниите и технолошкиот развој. Кои се вашите идни планови за развој и имплементација на вашите процеси според GS1 стандардите?


Во моментов сме сконцентрирани на имплементацијата на EDI во нашето работење и направивме подготовки за електронска размена на документ. Во иднина сме заинтересирани за користењето на GS1 RFID тагови со кои би можеле веднаш да направиме попис во магацините, а воедно би сакале да воведеме дополнителни сегменти од стандардите за следливост со цел да имаме комплетна видливост при дистрибуцијата на производите во секој момент.


Дали сметате дека со прифаќањето на GS1 стандардите (логистичката етикета, GS1-128 бар кодовите, итн) македонските компании ќе бидат конкурентни во однос на останатите компании на светските пазари?


Да, секако. Македонските компании мора да бидат подготвени да ги прифаќаат новостите на светските пазари, новите барања на трговските партнери и секако да ги прифатат GS1 стандардите доколку сакаат воопшто да остварат било каква значајна соработка со трговските партнери во странство. Свесен сум дека се работи за голем број мали компании, меѓутоа сметам дека имаме добри производи, но она што недостасува најчесто е волја и надеж дека овие компании може да бидат конкурентни и да се натпреваруваат на светските пазари. Бидејќи имам можност да бидам и на другата страна, ги уверувам дека постојат илјадници примери во светот каде што ваквите мали компании извезуваат во странство и во одредени случаи се и поефикасни и поорганизирани од големите коорпорации. Секако, за да се овозможи тоа мора да бидат прифатени GS1 стандардите.


Бидејќи е-трговијата е се повеќе активна, и дигиталните канали добиваат на значење и во Македонија за продажба на производи и услуги, дали сметате дека компанија со големина на НЕЛТ-СТ би се инволвирала на некој начин во е-трговијата?


Да, тоа исто е еден од нашите идни планови, за кои веќе се воспоставени првичните чекори. Е-трговијата успева да ги руши физичките бариери и да овозможи една заедничка платформа или еден заеднички светски пазар каде што можат компаниите да се натпреваруваат. Иако сум свесен дека во моментов има исто така рестрикции во однос на физичкиот транспорт (царини, регулаторни проверки и барања), сепак сметам дека за македонските компании – дали се регионални или интернационални, е-трговијата е единствен начин за нивен раст и развој, бидејќи не само македонскиот, туку и балканските пазари се премногу мали и веќе има многу компании кои се со децении присутни, што оневозможува малите или новите компании да се пробијат. Интернетот претставува одлична алтернатива за овие компании, а додека пак за останатите претставува одличен начин за маркетинг и најлесен пристап за информирање на постоечките и идни потрошувачи.