Работна посета на "Комфи Ангел" ДОО - Прилеп

GS1 Македонија на 29.05.2013, по одржаната работилница со членките од Прилеп, ја посети компанијата “Комфи – Aнгел” ДОО Прилеп, оствари корисни разговори со менаџментот и со раководните лица за производниониот процес и имплементација на стандардите. При тоа, тимот на GS1 Македонија ги запозна со сите можности и бенефити од примената на GS1 стандардите во нивното работење, со цел да ја зголемат својата ефикасност во деловното работење и станат поконкурентни на странските пазари.

Компанијата “Комфи-Aнгел” стана членка на GS1 Maкедонија пред помалку од 1 година- од 01.11.2012, но веднаш започна да ги имплементира GS1 стандардите во нивното работење, согледувајќи ја полезноста од нивното користење во дистрибутивниот синџир. Користењето на бар кодовите и правилното означување на производите е особено значајно за развојот на “Комфи-Aнгел”, бидејќи најголемиот дел од производите (над 95%) се наменети за британскиот пазар, а постои тенденција за освојување на нови пазари. Токму користењето на глобално прифатените стандарди и бар кодови им овозможува непречена комуникација со трговските партнери и брз развој на интернационално ниво. Освен постоењето на посебен оддел задолжен за етикетирањето на производите, во рамките на “Комфи-Aнгел” исто така се врши и верификација на креираните бар кодови.

Во блиска иднина ќе започнат со имплементирање на GS1-128 бар кодови за означување на транспортните кутии и генерирање на GS1 логистички етикети на палетите, за да станат поконкурентни на странските пазари. Планираат и да започнат со означување на суровините и репро материјалите во процесот на производство, за да постигнат и интерна следливост.

    

Компанијата “Комфи-Ангел” e сместена во индустриската зона на Прилеп, на 4 km од центарот на Прилеп на простор од 11.000 м2. Со вкупно 600 вработени остварува производство на 190.000 единици неделно, кое може и да се зголеми во зависност од потребите на купувачите. Главната дејност на “Комфи-Aнгел” e производство на постелнина во различни дезени (перници, јоргани, прекривачи, заштитници за јоги, вреќи за спиење, завеси, итн). Воедно произведува и посебни производи, како што се водо-отпорни, анти-алергиски и огно-отпорни производи.

“Kомфи – Ангел” може да се пофали дека стана Гинисов рекордер. На 23 мај 2013, компанијата ја изработи најголемата перница во светот со димензии од 18 на 18 метри и со тежина над 5 тони, за помалку од 4 часа на плоштадот “Методија Андонов Ченто” во центарот на Прилеп.

     

         

Потврда за успешното имплементирање на меѓународните стандарди е и имплементирањето на ISO 9001:2000 стандардите во согласност со британската легислатива за здравје и заштита, но и големиот број на високи оценки и признанија низ светот.

Со широката палета на квалитетни производи, ентузијастичкиот тимски дух во менаџментот, имплементацијата на новите методи на производство, прифаќањето на меѓународните стандарди, меѓу кои и GS1 стандардите, оваа компанија е потврда за успех не само во Република Македонија, туку и во светски рамки.