Нашите први 20 години
Јуни 2014


Превземи PDF 

Содржина

Вовед


Области на делување


Промотивни, едукативни и публицистички активности на GS1 Македонија

 

 

Вовед

 

Слаѓана Милутиновиќ, дипл. ек.

извршен директор

 

   

Во 1973 година, индустриските лидери го избраа GS1 бар кодот како единствен уникатен стандард за идентификација на производите. Четириесет години подоцна, преку 6 милијарди бар кодови се скенираат секој ден низ светот.

Работејќи заедно, овие визионерски лидери ја формираа во 1974 година GS1 организацијата, која денес го обликува подрачјето на глобалниот пазар. Поради силната основа на која е формирана GS1 организацијата, таа им овозможи на компаниите низ целиот свет да ја зголемат видливоста во дистрибутивниот синџир. GS1 бар кодот го трансформираше светот со креирањето на глобален јазик на бизнисот.

 

Глобални бенефити

GS1 системот на стандарди нуди глобален, прифатлив, униформен начин за идентификација, прифаќање и споделување на информациите низ дистрибутивниот синџир. GS1 решенијата станаа основа за бизнис процесите за повеќе од еден милион компании. Овие оптимизирани методологии ги поврзуваат компаниите преку географските и културните граници, дозволувајќи им на корисниците да ја искористат моќта на информациите за да ги подобрат животите на луѓето.

 

Многу повеќе од бар код

GS1 работи на голем број други иновации за нејзиниот глобален јазик на бизнисот. За да се задоволат барањата на корисниците, GS1 системот на стандарди денес ги вклучува GS1 DataBar и GS1 DataMatrix симбологиите, кои се дизајнирани со цел да се унапредат бизнис процесите. GS1 електронскиот код на производот (EPC), кој користи тагови за идентификација преку радио фреквенции (RFID) овозможува зголемена видливост и ефикасност низ дистрибутивниот синџир и зголемен квалитет на податоците кои се разменуваат меѓу компаниите и нивните трговски партнери. GS1 еCom стандардите – кои нудат јасни упатства за креирање на електронски верзии за сите видови на бизнис документи и електронска размена на информации.

GS1 Глобалната мрежа за синхронизација на податоците (GDSN) нуди моќна алатка за сигурна и континуирана синхронизација на точни податоци и им овозможува на компаниите, кои соработуваат меѓусебно, да имаат точни информации во нивните системи.

Водени од потребата на корисниците во другите сектори, освен трговија на мало, GS1 стандардите играат важна улога во здравствениот сектор, транспорт и логистика, царина, ... Тие овозможуваат следливост, се користат како поддршка во програмите за одржливост и придонесуваат во олеснување на акциите против фалсификување и повлекување на производи, а во блиска иднина ќе обезбеди и точно и релевантно пребарување на производите по бар код на интернет.

 

Како започна?

GS1 Македонија ја издава публикацијава во оваа јубиларна 20-та година од своето постоење, со цел да ги запознае заинтересираните со временски релативно куса, но историја богата со достигнувања на денеска најраспространетиот светски стандард и со сличен историски развој на нашата национална организација, GS1 Македонија. По повод овој јубилеј, GS1 Македонија доби специјално признание од Меѓународната GS1 организација на Генералното Собрание во Берлин, во мај 2014 година. Нашиот 20-годишен јубилеј се совпаѓа со прославата на 40-годишнината на Меѓународната GS1, бидејќи на 26 јуни 1974 е за прв пат во светот скениран производ со GS1 бар код, во Охајо, САД.

Имено, по формирањето во 1974 година на UCC- Uniform Code Council, асоцијација за САД и Канада, формирањето на Европската во 1977, која потоа прерасна во Меѓународна асоцијација (EAN International), формирањето на Југословенската асоцијација во 1982 (YАNA), во 1994 година во самостојна Република Македонија, во рамките на Стопанската комора на Македонија, формирана е Македонската асоцијација ЕАН МАК во април, а во мај 1994 година на Генералното Собрание, примена е во членство во Меѓународната асоцијација EAN International.

Двeте светски организации (UCC и EAN International) по соединувањето во 2005 година основаа единствена светска организација со ново име GS1, со седиште во Брисел, Белгија. Сите национални организации во следните години го сменија својот назив.

Глобалната и 111 национални GS1 асоцијации се невладини, неутрални, непрофитни и неполитички организации кои се бават со развој, проектирање и воведување на глобалните стандарди, технологии и решенија за подобрување на ефикасноста на синџирите на набавки и испораки на стоки и услуги. Сите организации работат на единствен начин, за еден свет, користат еден глобален јазик и делуваат како една организација.

Бранко Азески,
претседател на Стопанска комора на Македонија

До 2005 година основниот фокус на активностите на ЕАН МАК беше основниот стандард, издавање на ЕАН броеви за баркодирање на македонските фирми, кое многу успешно се обавуваше.

Нема подобар повод и место од ова, за да се оддаде признание и благодарност на луѓето кои дадоа огромен придонес да GS1 стандардите се развијат во нашата Република и да GS1 Македонија стане тоа што е денес. Чест е да се наведе неговото име: г-дин Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Како што Меѓународната асоцијација имаше свој развоен пат, па од тело задолжено само за креирање на стандарди, прерасна во комплетна интегрирана организација за стандарди и услуги, така и ЕАН МАК од 2005 година, под раководство на новиот претседател на Комората, г-дин Бранко Азески, започна со интезивен развоен процес. Благодарение на неговиот исклучителен осет за квалитетни бизнис можности и визионерскиот дух, ЕАН МАК доби снажен акцелератор во своите развојни активности. На првата Конститутивна седница, на 16.01.2006 година, извршено е ребрендирањето во GS1, избрани се органите на управување – г-дин Бранко Азески за претседател на Управниот одбор и Собранието, а г-ѓа Слаѓана Милутиновиќ за директор. GS1 Македонија започна по узгорниот пат на континуиран развој, напредок и трансформација. Во февруари 2006 година GS1 Македонија е примена во членство на Европската регионална организација, GS1 in Europe.

Симон Наумоски,
претседател на Управниот одбор на Витаминка АД - Прилеп

Со цел усогласување со Статутот и актите на Меѓународната GS1 организација, започна постапка за трансформација на GS1 Македонија во самостоен правен субјект. На 21.12.2009 членките на Генералното Собрание на GS1 Македонија ги официјализираа статусните промени и основањето на самостојно правно лице, а со работа стартуваше од 01.01.2010 година. Од тогаш, претседател на Управниот одбор и на Собранието на GS1 Македонија е г-дин Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на Витаминка АД - Прилеп, заменик претседател е г-дин Љупчо Зиков, управител на “Капитал Медиа Гроуп” ДОО - Скопје, останати членови на УО се: г-дин Михаил Гаревски - директор на “УКИМ ИЗИИС” - Скопје, г-ѓа Соња Тасевска - управител на “Мако Маркет” ДОО – Скопје, г-дин Никола Димовски - директор за информатика во “Алкалоид” АД – Скопје, г-дин Жарко Трпкоски, директор за информатика во “Тетекс” АД – Тетово, и г-дин Благој Христов, виш менаџер за регулатива во “Македонски Телеком” АД – Скопје. Извршен директор е г-ѓа Слаѓана Милутиновиќ. Соработката помеѓу Стопанската комора на Македонија и GS1 Македонија продолжи на највисоко ниво, со цел обезбедување поквалитетни услуги на македонските компании, поддршка во зголемувањето на конкурентноста, полесен пристап до светските пазари и побрзо прилагодување кон стандардите на европскиот и светскиот пазар.

Управен одбор на GS1 Македонија

Денес, со гордост можеме да констатираме дека GS1 Македонија успеа да стане препознатлива во национални и меѓународни рамки и дека е рамноправна со останатите 111 национални GS1 организации, во однос на развојните и проектните активности, како и во сé помасовната имплементација на GS1 стандардите во Република Македонија.

Среќни сме што успеавме да нашите корисници од стопанскиот и нестопанскиот сектор денес ја препознаваат GS1 Македонија како респектабилен деловен партнер, кој со својот широк спектар на услуги и бесплатна стручна помош им овозможува да ја зголемат ефикасноста, безбедноста и профитабилноста преку прифаќање и користење на стандардите. Од трговија на мало до здравство, од прехранбена индустрија до транспорт и логистика, GS1 стандардите постојано го трансформираат и подобруваат бизнисот и животот на сите нас во Република Македонија.

Низ следните содржини во публикацијава накусо ќе ги презентираме клучните области на примена на GS1 стандардите на глобално ниво и адекватните развојни активности на GS1 Македонија, тргнувајќи од 2005 година, кога тие и започнаа.