Бар кодот, односно бар код симболот, е логички осмислена и организирана низа на темни црти и светли меѓупростори, односно графички симбол (слика) препознатлив на електронската опрема за читање и декодирање на содржаните логични деловни информаци за производот. Бар кодот е носител на информации и како таков се базира на строго определени правила. Бар кодот е бројка претставена во вид на графички симбол кој скенерот повторно го декодира, односно трансформира во бројка која е клуч, односно покажувач (pointer) во GTIN базата – Глобалниот каталог на баркодираните трговски артикли/услуги во кој се содржани сите релевантни информации за баркодираниот производ, услугата или локацијата. Бар кодовите овозможуваат брзо и едноставно очитување на цените, податоците за производот, инвентарисување, контрола на залихите и др. Бар код симболот се печати директно на амбалажата на производот или на налепница која се лепи или на самиот производ или на неговата амбалажа. Така означениот производ оди во дистрибутивната мрежа, низ каналите на трговијата на големо до малопродажното место во трговијата, каде бар код симболот се скенира или очитува со друга погодна опрема и декодира во логична деловна информација препознатлива за човечкото око и разбирлива на човекот. Примена на баркодовите е регулирана со различни стандарди. Некои од стандардите ги дефинират физичките карактеристики (обликот, големината, структурата на податоците, видот и типологијата на карактерите применети за шифрирање, и др.) додека другите го дефинираат начинот на нивната примена (стандарди за транспорт, етикетирање и означување на пратките, и др.). Меѓутоа, најважно е да сите кои ги креираат или скенираат баркодовите работат по однапред утврдените глобални стандарди. EAN бар код симболите доминантно се применуват во трговската мрежа во Европа и целиот свет, освен во САД и Канада каде се користат UPC (Uniform Product Code) бар код симболите. Баркодирањето на книгите е базирано врз ISBN (International Standard Book Number) броевите додека ISSN (International Standard Serial Number) броевите се применуваат за означување на периодичните списанија и журнали вон САД. Сите наведени симбологии се нумерички, со константна должина и вклучуваат една или повеќе контролни бројки. Во Македонија, Европа и светот најчесто се користат EAN/UPC баркодови со стандардна структура која се состои од следните групи на податоци: 1) за земјата на потеклото на стоката; 2) за производителот; и 3) за производот. Групите на податоци за земјата на потеклото на стоката (префикс на националната GS1 организација) и производителот (GS1 ЕМБ) го формираат GS1 бројот кој е основа за изработка на EAN/UPC баркод симболите со кои членките на GS1 Македонија, нивните производи или услуги, безусловно и еднозначно се идентификуваат во домашниот и светскиот синџир на снабдување. Со баркодот производот еднаш се означува и со таа своја ознака и шифра станува препознатлив секаде низ светот, без оглед на бројот на посредниците во прометот. GS1 Македонија, како членка на Меѓународната организација GS1 и единствен овластен претставник на GS1 во Република Македонија, врз основа на доделениот GS1 сертификат е задолжена и поседува ексклузивни права на територијата на Република Македонија да, на македонските компании - членки на GS1 Македонија, доделува Единствени Матични GS1 броеви (GS1 ЕМБ) за идентификација.